Свет

Договорот САД- Иран пред потпис во петок

16.06.2026 11:40

САД и Иран во петок во Швајцарија ќе го официјализираат постигнатиот договор за траен прекин на огнот. Истиот ден целосно ќе биде отворен и Ормускиот теснец. Трамп наведе дека Иран се согласил да нема нуклеарно оружје.

Додека траат дипломатските усогласувања меѓу САД и Иран, од Вашингтон доаѓаат сигнали дека прелиминарниот договор за завршување на војната би можел да биде објавен пред потпишувањето в петок. Од Вашингтон велат-клучната цел е Иран да не развие нуклеарно оружје, при што спроведувањето ќе се базира на строг систем на верификација, а евентуалното укинување на санкциите ќе зависи од однесувањето на Техеран. Механизмот предвидува долгорочна контрола на нуклеарната програма и економско отворање, под проверка и надзор.

„Иран никогаш нема да развие или набави нуклеарно оружје. Договорот е изграден врз систем на верификација, каде придобивките за Техеран зависат од исполнување на обврските. Тоа вклучува пристап до економски олеснувања, но само ако се исполнат условите“, изјави Џеј Д. Венс, потпретседател на САД.

Во исто време, од Израел доаѓа тврд став дека без разлика на договорот, Иран не смее да има нуклеарно оружје и дека ќе продолжи да ја одржува безбедносната зона во Либан додека тензиите со Хезболах остануваат високи.

„Со договор или без, Иран нема да има нуклеарно оружје. Не денес, не утре. Сè додека јас сум премиер на Израел, тоа нема да се случи“, рече Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Од Техеран порачаа дека САД мора целосно да го почитуваат меморандумот и дека Вашингтон ќе сноси одговорност за евентуални прекршувања од страна на сојузници во регионот. Велат дека договорот се гради со недоверба кон САД, имајќи ги предвид претходните искуства, и дека сите обврски мора строго да се почитуваат. Тврдат дека добиле ветување за враќање на замрзнатите средства и постепено укинување на санкциите, но без прецизна временска рамка. Во однос на Ормускиот теснец, Иран нема да наплаќа такси за пловидба, но може да воведе надоместоци за поморски услуги.

„Секогаш сме велеле дека не сме за наплата на патарини, но во замена за услугите што ќе ги обезбедиме … ќе се утврдат и наплатат неопходни трошоци. Самото нуклеарно прашање е јасно во однос на аспектите што ќе се дискутираат. САД се обврзани и имаат должност да го почитуваат својот дел од меморандумот за разбирање. Американската страна е одговорна за секое прекршување на договорот од страна на други актери или сојузници на САД во регионот“, нагласи Есмаил Багеи, портпарол на МНР на Иран.

„Преговорите и спроведувањето на постигнатото разбирање ги темелиме на недоверба и на искуствата од минатото. Во исто време, се обидуваме да создадеме што е можно повеќе економски можности за земјата“, изјави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.

Во меѓувреме, Трамп е на самитот на Г7 во Франција, каде се одржува посебна сесија за Иран со учество на Египет, Катар и Обединетите Арапски Емирати.

Бојана Крстевски