Финансии

Народната банка ги подготвува институциите за воведување на инстант-плаќања

16.06.2026 18:29

Народната банка, во соработка со Светската банка, организираше дводневна работилница посветена на воведувањето на национален систем за инстант-плаќања. Проектот треба да овозможи побрзи и подостапни трансакции 24 часа дневно и претставува важен чекор во модернизацијата на платежниот систем во земјата.

Народната банка и Светската банка одржаа дводневна работилница за банките, давателите на платежни услуги и релевантните институции, посветена на воведувањето на инстант-плаќањата преку платформата на клонот на ТИПС.

Од Народната банка информираат дека активноста е дел од подготовките за воспоставување на национален систем за инстант-плаќања и за приклучување кон регионалната платформа што ја развива Банката на Италија за земјите од Западен Балкан.

Директорката на Дирекцијата за платни системи, Биљана Доновска-Гечева, истакнала дека модернизацијата на платежната инфраструктура е клучна за развој на поефикасен и поконкурентен платежен пазар во услови на забрзана дигитализација.

На работилницата биле претставени функционалностите на платформата, условите за приклучување и искуствата од други земји, со посебен акцент на техничката и оперативната подготвеност на учесниците.

Со воведувањето на инстант-плаќањата, граѓаните и компаниите ќе можат да вршат трансакции 24 часа дневно, седум дена во неделата, што се очекува дополнително да ја поттикне дигитализацијата на финансиските услуги и конкурентноста на домашниот платежен пазар.