Загадениот воздух, топлотните бранови и сушите, најголема закана за децата во земјава
Децата во Македонија се сè поизложени на повеќе климатски закани истовремено: мнозинството од нив се погодени од топлотни бранови, суши и загаден воздух, според новиот глобален извештај на УНИЦЕФ објавен денес...

Децата во Македонија се сè поизложени на повеќе климатски закани истовремено: мнозинството од нив се погодени од топлотни бранови, суши и загаден воздух, според новиот глобален извештај на УНИЦЕФ објавен денес.
Извештајот за климатски ризици кај децата за 2026 година открива дека заканите што доаѓаат од климатските промени се широко распространети во Македонија и веќе влијаат врз здравјето, развојот и благосостојбата на децата. Околу три четвртини од нив се засегнати од суши (73 проценти), речиси девет од десет деца се изложени на топлотни бранови (87 проценти) и речиси сите деца (99,9 проценти) се изложени на штетно загадување на воздухот.
„Децата во Северна Македонија растат во клима која се менува, каде што екстремната топлина, сушите и загадениот воздух, за жал, се дел од секојдневниот живот“, рече Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ. „Земјата има воведено важни мерки за заштита на децата, но климатските притисоци растат и нивното штетно влијание врз детското здравје, образование и благосостојба треба итно да се намали“.
Во извештајот се истакнува дека поголемиот дел деца во Северна Македонија се изложени на повеќе климатски закани истовремено, со што се зголемува ризикот од повеќекратна штета по нивното здравје, учење и целокупен развој.
И покрај напорите за намалување на ранливоста на децата, во системот и понатаму има недостатоци, особено во опфатот со социјална заштита, па така децата од најзагрозените семејства се во најголем ризик од климатски шокови.
УНИЦЕФ повикува на итна климатска акција во Северна Македонија што ќе се фокусира на децата, бидејќи децата се несразмерно поранливи на климатски ризици и затоа мора да им се даде приоритет во политиките за справување со климатските промени. Потребни се континуирани активности за дополнително да се намалат штетните емисии и да се реши загадувањето на воздухот, да се зајакнат здравствените, образовните и системите за социјална заштита и нивната отпорност на климатски шокови, а децата и младите да се охрабрат и да се подготват за учество во решавањето на климатската криза и во процесите на донесување одлуки што ја обликуваат нивната иднина.
„Заштитата на децата од климатските ризици е итна потреба, но и можност“, рече Милер. „Со инвестирање во квалитетни услуги денес, Северна Македонија ќе ги заштити правата на децата и ќе изгради поодржлива иднина за сите.“
