Евиан

Зеленски им се придружи на светските лидери во Евиан, бара нова поддршка за Украина

16.06.2026 15:25

Украина повторно во фокусот на светската дипломатија. Зеленски им се придружи на лидерите на Г7 во Франција, во обид да обезбеди посилна поддршка за Киев и дополнителен притисок врз Москва. Францускиот претседател Макрон најави разговори за траен мир, додека неговиот американски колега Трамп порача дека ќе се обиде да придонесе за прекин и на оваа војна. Во меѓувреме, Украина официјално ги започна преговорите за членство во ЕУ. Паралелно со дипломатските активности, продолжуваат и судирите на теренот, со нови напади меѓу двете завојувани страни.

Украинскиот претседател Зеленски им се придружи на светските лидери во Евиан, во обид да ја врати Украина во глобалната дискусија на Самитот на Г7. Францускиот претседател Макрон со ветување дека ќе се обиде да го убеди американскиот колега да ја засили поддршката за Киев и да го зголеми притисокот врз Русија. Трамп, пак, по договорот со Иран, најави нова мировна иницијатива и порача дека ќе се обиде да придонесе за мир меѓу Украина и Русија.

„Ќе разговараме за војната во Украина за да постигнеме цврст и одржлив мир“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.

„На тоа поле можеби можеме нешто да направиме. Навистина го мислам тоа. Мислам дека и двајцата се отворени за таква можност. Знаете, сега кога ова е завршено, ќе се фокусираме на Украина, ќе видиме дали можеме да го завршиме и тоа. 25.000 луѓе месечно умираат, претежно војници. И тоа не треба да се случува“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Во истовреме, Украина и официјално ги започна преговорите за членство во ЕУ и покрај тековната војна со Русија. Одлуката беше потврдена на состанокот во Луксембург, каде беше оценето дека е направен значителен напредок во спроведувањето на реформи во услови на политички и безбедносни предизвици.

„Приклучувањето кон европската унија е наш сон и безбедносна гаранција за Украина. За нас ова е навистина пресвртница“, изјави Тарас Качка, вицепремиер за европски интеграции на Украина.

„Ниту една земја досега не постигнала таков напредок на својот пат кон пристапување. Украина истовремено се бори против руската агресија и го гради својот пат кон членство во ЕУ“, изјави Марта Кос, европска комесарка за проширување.

По масовните руски напади врз Киев и Харков во кои загинаа цивили, воените сили на Украина утрово нападнаа со беспилотни летала, при што беше запалена најголемата рафинерија во Москва.

 

Катерина Бојаџиева