Економија

Нова инвестиција од 21 милион евра во ТИРЗ Тетово, најавени 550 работни места

16.06.2026 12:14

Турската компанија CAVO Otomotiv ќе инвестира 21 милион евра во ТИРЗ Тетово, со што ќе бидат отворени околу 550 нови работни места. Од Министерството за економија и труд оценуваат дека инвестицијата е потврда за зголемената доверба на странските инвеститори во македонската економија.

Компанијата CAVO Otomotiv започнува нова инвестиција во Технолошко-индустриската развојна зона Тетово, вредна 21 милион евра, која според најавите ќе обезбеди околу 550 нови работни места.

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши изјави дека инвестицијата претставува значајна потврда за довербата на странските инвеститори во Северна Македонија и за напредокот во создавањето поволна деловна клима.

Станува збор за реномирана мултинационална компанија од автомобилската индустрија, која дел од производството од Турција и Словачка ќе го префрли во земјава. Според Дурмиши, тоа е показател за конкурентноста на домашната економија и квалитетот на работната сила.

Инвестицијата ќе се реализира во ТИРЗ Тетово, единствената индустриска зона во државата што функционира по моделот на јавно-приватно партнерство. Од Министерството очекуваат проектот да придонесе за раст на извозот, отворање нови работни места и дополнителен развој на автомобилската индустрија во земјата.

Во 2025 година компаниите во ТИРЗ Тетово оствариле производство вредно над 6,4 милијарди денари, извоз од речиси 9 милијарди денари и обезбедиле работа за 1.845 лица.