Блиски Исток

САД и Иран в петок во Швајцарија ќе го официјализираат договорот за траен прекин на огнот

16.06.2026 17:48

Додека лидерите на Г7 и меѓународната јавност чекаат појаснување за договорот меѓу САД и Иран, и двете страни со мали навестувања за содржината на документот. Вашингтон не ја отфрла можноста тој да биде објавен пред официјалното потпишувањето в петок, но клучно за САД останува Иран да нема нуклеарно оружје. За Техеран прекинот на војната мора да значи и крај на израелското присуство во Либан. Израел не попушта. Во меѓувреме, ЕУ бара Ормускиот теснец да остане отворен без давачки, а темата е во фокус и на самитот на Г7.

Пред официјалното потпишување на договорот меѓу САД и Иран в петок, Вашингтон најавува дека неговата содржина би можела да биде објавена и порано. Клучната цел за САД е Иран да не развие нуклеарно оружје, преку систем на верификација и долгорочен надзор врз програмата, додека укинувањето на санкциите ќе зависи од исполнувањето на обврските на Техеран.

„Иран никогаш нема да развие или набави нуклеарно оружје. Договорот е изграден врз систем на верификација, каде придобивките за Техеран зависат од исполнување на обврските. Тоа вклучува пристап до економски олеснувања, но само ако се исполнат условите“, изјави американскиот потпретседател, Џеј Д. Венс.

Израел останува на ставот дека Иран нема да има нуклеарно оружје, и најавува дека ќе продолжи да ја одржува безбедносната зона во Либан додека тензиите со Хезболах остануваат високи.

„Со договор или без, Иран нема да има нуклеарно оружје. Не денес, не утре. Сè додека јас сум премиер на Израел, тоа нема да се случи“, порача израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.

Техеран потврди дека по потпишувањето ќе започне нова рунда преговори за конечен договор за нуклеарните прашања и санкциите. За Иран останува клучно прекинот на војната да значи и крај на израелското присуство во Либан. Порачаа дека САД мора целосно да го почитуваат меморандумот, со одговорност за евентуални прекршувања од сојузници во регионот.

„Официјалното потпишување ќе се одржи наскоро, а потоа ќе започне нова рунда преговори меѓу Иран и САД за конечен договор. Во тој договор ќе се одлучува за нуклеарните прашања и за укинувањето на санкциите“, изјави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.

Во однос на Ормускиот теснец, Иран наведува дека нема да наплаќа такси за пловидба, но дека може да воведе надоместоци за поморски услуги.

„Секогаш сме велеле дека не сме за наплата на патарини, но во замена за услугите што ќе ги обезбедиме, ќе се утврдат и наплатат неопходни трошоци“, рече Есмаил Багеи, портпарол на МНР на Иран.

ЕУ останува на ставот дека Ормускиот теснец мора да биде отворен без дополнителни давачки.

„Иако деталите за опфатот и роковите сè уште не се објавени, една работа е јасна за било кој договор да биде одржлив мора да биде во согласност со меѓународното право и спроведувањето да биде потврдено. Ормускиот теснец мора да биде отворен и без такси“, изјави Каја Калас, висока претставничка на ЕУ за надворешни работи.

Во меѓувреме, Трамп учествува на самитот на Г7 во Франција, каде се одржува посебна сесија за Иран со учество на Египет, Катар и Обединетите Арапски Емирати. Се очекуваат разговори за стабилноста на Блискиот Исток и меморандумот меѓу САД и Иран. На маргините се предвидени и билатерални средби со лидерите на Катар и Емиратите.

Бојана Крстевски