Трагедија на струшкото крајбрежје и нови прашања за безбедноста на капалиштата
Безредието на струшкото крајбрежје повторно во фокусот по трагичната смрт на 20-годишно момче кое вчера се удави на „Машка плажа“ откако скокнало од педалинка. Случајот повторно ги отвори прашањата за безбедноста на капалиштата, каде со години нема спасители, ниту јасно уреден ред и контрола...

Безредието на струшкото крајбрежје повторно во фокусот на јавноста, откако вчера 20-годишно момче се удави на „Машка плажа“. Според првичните информации, несреќата се случила при скок од педалинка. Струшките плажи со децении немаат спасители, набљудувачници, ниту обележани капалишта. Градоначалникот вели изработил проект со кој узурпираните капалишта би се ставиле во законска рамка, би се наплаќало за поставување урбана опрема, а истовремено би се овозможил и надзор од општинските инспектори со цел зголемување на безбедноста.
Значи, мора да се воспостави ред. Побарав уште пред еден месец да се донесе ваква одлука. И денес повторно апелирам до Советот да ја усвои одлуката и да го поддржи проектот за урбана опрема, со цел воспоставување ред и контрола на плажите. Веќе имаме изработен проект кој предвидува поделба на јавни и приватни плажи. Сметам дека и со поддршка од централната власт треба заеднички да го решиме овој проблем“, вели Менди Ќура, градоначалник на Општина Струга.
Градоначалникот на Струга денес до Советот поднесе и иницијатива со која се предвидува забрана за паркирање и издавање педалинки на територијата на општината.
„Иако општината нема надлежност за движењето во водите, има надлежност да го регулира паркирањето на педалинките, кои за жал често работат без соодветна контрола, не издаваат фискални сметки и фактури, а просторот го користат без ред и без обезбедување. Исто така, во голем дел немаат спасители, иако тоа би било задолжително од безбедносен аспект“, додава Ќура.
Потребно е итно решение за воспоставување ред на струшко, сè додека не се донесе Планот за уредување на Охридското крајбрежје.
20-годишното момче од Октиси е првата жртва давеник ова лето во Охридското езеро. Бројките во минатото покажуваат дека најголемиот број трагични несреќи се случуваат токму од педалини.
Соња Рилковска
