Македонија

УХМР најавува натпросечно топло и посушно лето

16.06.2026 18:48

Претстојното лето во Македонија ќе биде потопло и посуво од просекот, предупредува Управата за хидрометеоролошки работи. Според прогнозите, температурите во одредени периоди би можеле да бидат и до 3 Целзиусови степени над повеќегодишниот просек, додека врнежите ќе бидат под вообичаените вредности.

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) прогнозира натпросечно топло и посушно лето во Македонија, со најизразено покачување на температурите во текот на јули.

Според анализите, температурите на воздухот во земјава може да бидат и до 3 степени Целзиусови над повеќегодишниот просек, додека вкупната количина врнежи се очекува да биде под просечните вредности во поголем дел од државата.

Од УХМР предупредуваат дека климатските промени дополнително го зголемуваат ризикот од екстремни временски појави, како што се топлотни бранови, суши и пожари. Воедно, долгите сушни периоди можат да создадат услови и за интензивни поројни дождови и поплави.

Метеоролозите посочуваат дека ваквите услови ја нагласуваат сложеноста и непредвидливоста на климатските ризици во периодот што следува.