Народна банка ја затегнува монетарната политика
Во услови на глобална неизвесност и домашни инфлациски притисоци, Народната банка донесе одлука за умерено затегнување на монетарната политика. Основната каматна стапка е зголемена за 0,25 процентни поени и сега изнесува 4,25 отсто.

Народна банка ја затегнува монетарната политика со раст на основната каматна стапка за 0,25 процентни поени, на 4,25%. Одлуката доаѓа во услови на подгреана инфлација, геополитичката неизвесност и засилена кредитна активност во домашната економија. Зголемувањето, според гувернерот, е засновано на најновите податоци од глобалните случувања врз домашните економски текови.
„Сепак, економските последици од геополитичките случувања се присутни, а неизвесноста околу темпото на целосната стабилизација на тековите и понатаму создава ризици. Опстојуваат и притисоците врз инфлацијата“, рече гувернерот Славески.
И покрај притисоците, од мај наваму се бележи стабилизација на побарувачката, а според најновите информации, тоа е можност за скоро смирување на конфликтот на Блискиот Исток. Во такви услови, Народна банка оценува дека умереното затегнување на монетарната политика, ќе придонесе за стабилност на девизниот курс и стабилизирање на цените.
Во мај, годишната инфлација забави на 4,8% од 5,7% во април, но остана на повисоко ниво од историскиот просек.
Девизните резерви на крајот на мај се 5.209,7 милиони евра и се во сигурната зона, а девизниот пазар во мај бил стабилен, без интервенции од Народна банка.
Борис Грујоски
