Трамп: Важно е дека Иран никогаш нема да има нуклеарно оружје
Додека меѓународната заедница чека појаснување за договорот меѓу САД и Иран, медиумите објавија верзии од содржината на документот. Клучно за САД останува Иран да нема нуклеарно оружје. За Техеран прекинот на војната мора да значи и крај на израелското присуство во Либан. Израел не попушта. На маргините на самитот на Г7, Трамп оствари средби со земјите од заливот.

Пред официјалното потпишување на договорот меѓу САД и Иран в петок, неофицијални верзии за спогодбата протекоа од двете страни. Клучната цел за САД е Иран да не развие нуклеарно оружје, преку систем на верификација и долгорочен надзор врз програмата, додека укинувањето на санкциите ќе зависи од исполнувањето на обврските на Техеран.
„Искрено, единственото нешто што навистина ми е важно е дека Иран никогаш нема да има нуклеарно оружје. Тие нема да го развијат, нема да го купат. Тие нема да направат ништо со него. И ако го сторат тоа, ќе претрпат неверојатни последици. Со оглед на тоа, се надевам дека ќе имаме многу добри односи“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.
Техеран потврди дека по потпишувањето ќе почне нова рунда преговори за конечен договор за нуклеарните прашања и санкциите. За Иран останува клучно прекинот на војната да значи и крај на израелското присуство во Либан. Порачаа дека САД мора целосно да го почитуваат меморандумот, со одговорност за евентуални прекршувања од сојузници во регионот. Во однос на Ормускиот теснец, Иран наведува дека нема да наплаќа такси за пловидба, но дека може да воведе надоместоци за поморски услуги.
„Официјалното потпишување ќе се одржи наскоро, а потоа ќе започне нова рунда преговори меѓу Иран и САД за конечен договор. Во тој договор ќе се одлучува за нуклеарните прашања и за укинувањето на санкциите“, нагласи Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.
Израел сепак најави дека ќе продолжи да ја одржува безбедносната зона во Либан додека тензиите со Хезболах остануваат високи.
„Во врска со Либан, создадовме тампон-зона и ќе останеме таму колку што е потребно. Иран сакаше да се повлечеме оттаму, но тоа не се случи. Бев многу, многу решителен по ова прашање и верувам дека нашите американски пријатели ја почитуваат оваа решителност“, рече Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
ЕУ останува на ставот дека Ормускиот теснец мора да биде отворен без дополнителни давачки.
„Иако деталите за опфатот и роковите сè уште не се објавени, една работа е јасна за кој било договор да биде одржлив мора да биде во согласност со меѓународното право и спроведувањето да биде потврдено. Ормускиот теснец мора да биде отворен и без такси“, изјави Каја Калас, висока претставничка на ЕУ за надворешни работи.
Посебна сесија за Иран организирана и на самитот на Г7 со учество на Египет, Катар и Обединетите Арапски Емирати. Шефот на Белата Куќа, Трамп на маргините на самитот во Франција оствари низа билатерални средби со земјите од Блискиот исток.
Маријана Димовска
