Сенатот на САД загрижен за договорот САД-Иран
Пратениците во Сенатот на САД од двете партии изразија загриженост во врска со тоа дали претседателот Трамп ги постигнал целите во конфликтот со Иран...

САД и Иран се подготвуваат официјално да го потпишат мировниот договор во Швајцарија в петок. Верзии од текстот на таканаречениот Меморандум за разбирање и натаму се објавуваат во медиумите. Спогодбата треба да доведе до двомесечно продолжување на прекинот на огнот и почеток на комплицирани преговори за нуклеарната програма на Иран. Пратениците во Сенатот на САД од двете партии изразија загриженост во врска со тоа дали претседателот Трамп ги постигнал целите во конфликтот со Иран.
„Доколку има конечен договор, а се надевам дека ќе има, тој треба да дојде до сенатот на одобрување. Но, тоа нема да го знаеме 90 дена. Мора да видиме значајни, вистински чекори од Иран. Иран го водат религиозни фанатици. Тие учат да лажат пред да научат да зборуваат, не можете да им верувате“, изјави сенатор Џон Кенеди, републиканец од Луизијана.
„60 дена е краток рок, но повторно, отстапувањето од војна која била нелегална и никогаш не требало да почне е нешто за кое треба да се чувствуваме добро, а потоа само се надеваме дека нашите преговарачи ќе добијат добар договор и ќе мора да го вратат во конгресот, согласно законот, закон за преглед на нуклеарниот договор со Иран за кој помогнав да се напише“, изјави сенатор Тим Кејн, демократ од Вирџинија.
Зборувајќи на самитот на Г7, Трамп рече дека договорот е „завршена работа“, додавајќи дека САД нема да инвестираат пари во Иран ниту да плаќаат воени репарации. Шефот на Белата Куќа е дециден, Иран никогаш нема да има нуклеарна програма.
