Критики за Трамп во Сенатот-дали се постигнати целите во конфликтот?
Додека очите на светската јавност се вперени кон САД и Иран и се чека официјалното потпишување на договорот, двете партии во Сенатот изразија загриженост за тоа дали Трамп ги постигнал целите во конфликтот. Шефот на Белата куќа вели дека Исламската република никогаш нема да има нуклеарно оружје. За Техеран, прекинот на војната мора да значи и крај на израелското присуство во Либан. Обединетите нации нотираат помалку напади на либанско тло.

И додека меѓународната јавност го чека потписот на договорот меѓу САД и Иран, на домашен терен, шефот на Белата куќа се соочува со гласни критики. Пратеници во Сенатот на САД, и републиканци и демократи, изразија загриженост во врска со тоа дали претседателот Трамп ги постигнал целите во конфликтот. Верзии од текстот на таканаречениот меморандум за разбирање се веќе објавени во медиумите. Спогодбата треба да доведе до двомесечно продолжување на прекинот на огнот и почеток на преговори за нуклеарната програма на Иран.
„Доколку има конечен договор, а се надевам дека ќе има, тој треба да дојде до Сенатот на одобрување. Но, тоа нема да го знаеме 90 дена. Мора да видиме значајни, вистински чекори од Иран. Иран го водат религиозни фанатици. Тие учат да лажат пред да научат да зборуваат, не можете да им верувате“, изјави сенаторот Џон Кенеди, републиканец, Луизијана.
„60 дена е краток рок, но повторно, отстапувањето од војна која била нелегална и никогаш не требало да почне е нешто за кое треба да се чувствуваме добро, а потоа само се надеваме дека нашите преговарачи ќе добијат добар договор и ќе мора да го вратат во Конгресот, согласно законот, Закон за преглед на нуклеарниот договор со Иран за кој помогнав да се напише“, рече сенаторот Тим Кејн, демократ, Вирџинија.
Зборувајќи на самитот на Г7, Трамп рече дека договорот е завршена работа. Шефот на Белата Куќа е дециден, Иран никогаш нема да има нуклеарна програма. За Техеран останува клучно, прекинот на војната да значи и крај на израелското присуство во Либан. Мировниците од УНИФИЛ пријавија помалку напади меѓу израелските сили и Хезболах, велат во ООН.
„Некои раселени семејства, претпазливо се враќаат во своите места на потекло по објавувањето на договорот меѓу САД и Исламската Република Иран. Иако насилството се намали од неделата, инцидентите во јужен Либан продолжуваат да се пријавуваат, што има директно влијание врз способноста на луѓето да ги проверат своите домови или да се движат. Присуството, исто така, на неексплодирани воени средства останува многу сериозна загриженост за сите“, изјави Стефан Дујарик, портпарол на ООН.
САД и Иран се подготвуваат официјално да го потпишат мировниот договор в петок. Швајцарското Министерство за надворешни работи соопшти дека церемонијата ќе се одржи во одморалиште во близина на Луцерн. Локацијата ја предложиле пакистанските и катарските медијатори, заедно со САД и Иран.
Маријана Димовска
