Осум години од потпишувањето на Договорот од Преспа
На 17 јуни 2018 година, пред точно осум години, во малото село Нивици, на брегот на Преспанско Езеро од грчка страна, Скопје и Атина го потпишаа Договорот од Преспа со кој се затвори долгогодишниот спор меѓу двете држави.

Договорот што стави крај на речиси тридеценискиот спор за името на соседна Грција со земјава ни го отвори патот за членство во НАТО, но не и во ЕУ, што ги разочара очекувањата за забрзано членство во Европската унија. Поучени од тоа искуство, вели премиерот Мицкоски, ги води процесите за да не се повтореле работите.
„Ние денеска ја водиме нашата надворешна политика којашто не е составена од гланцање чевли на евродипломати во Брисел и коленичење, туку надворешна политика којашто се темели на аргументи“, вели премиерот Мицкоски.
Од друга страна договорот се оценува како историски дипломатски успех и пример за решавање на сложени меѓудржавни спорови преку дијалог и компромис.
„Каде ќе бевме сега ако тој повеќедецениски спор со Грција беше решен на почетокот од деведесетите години? Дали ќе бевме на рангот на една Словенија и прилично сум сигурен дека немаше да се соочуваме со проблемите со кои сега се соочуваме. Тоа е уште еден аргумент дека ни требаат храбри, државнички политики“, изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
Согласно договорот, Република Македонија се преименува во Република Северна Македонија, државјанството е македонско/ државјанин на Република Северна Македонија, а јазикот македонски.
Од наша страна исполнети беа речиси сите обврски-менување на Уставот, на пасошите, регистарските таблици и друго. Од грчка страна, пак, се доцни. Трите меморандуми за соработка од 2020 година не се ратификувани.
Но, Грција е одговорна за безбедноста на македонското небо, а во економијата, енергетиката и други области ја интензивира соработката. Поддржувач е на европската перспектива, особено во пресрет на грчкото претседателство со ЕУ в година.
Од друга страна, не е одржан вториот совет на високо ниво за спроведување на спогодбата на која домаќин треба да е Грција. Актуелниот грчки премиер сè уште не бил во посета, ниту актуелните претседатели, а и премиерите, Мицкоски и Мицотакис, немаат одржано билатерална средба.
Договорот беше потпишан од тогашните министри за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас, во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, посредникот Метју Нимиц, високи претставници на меѓународната заедница.
Фиљана Кока
