Повредени 49 патници при превртувањето на автобус на ЈСП

23.09.2014 12:45

Полицијата ги истражува деталите како дошло до несреќата, а одговор ќе даде истрагата...

Четириесет и девет лица се полесно повредени при денешното превртување на автобус број 67 на ЈСП Скопје на влезот во Драчево. Повредените со три возила се пренесени во Ургентниот центар, ГОБ „8 Септември“ и Хируршката клиника „Св. Наум Охридски“, а поголемиот број од нив се пуштени на домашно лекување.

Од вкупно 30 пациенти со контузии по телото кои се донесени во Хируршката клиника „Св. Наум Охридски“ и на кои им се направени потребните снимања и испитувања, 28 се пуштени на домашно лекување. Една жена со контузија на главата е задржана на Одделението за невротраума, а еден маж со фрактура на лумбален слабински пршлен е примен на Одделението за трауматологија. Двајцата пациенти се во добра општа состојба, но поради претпазливост се задржани на лекување.

Директорот на Клиниката за ТОАРУ и Ургентен центар, Реџеп Селмани изјави дека во Ургентниот центар се донесени 14 повредени од кои осум мажи и шест жени на возраст од 30 до 60 години.

Сите повредени се навреме дијагностицирани и се со полесни повреди освен едно лице со скршеница на нос и со рана на глава. Сите други пациенти се испратени на домашно лекување, додаде Селмани.

Во ГОБ „8 Септември“ се донесени пет лица со набиеници на меки ткива и без скршеници кои се пуштени на домашно лекување.