Центарот за климатски промени предупредува, Македонија е сè поранлива на суша
Македонија се соочува со зголемен ризик од суша поради климатските промени, а потребни се повеќе инвестиции и мерки за адаптација, предупредуваат од Центарот за климатски промени по повод Светскиот ден за борба против опустинувањето и сушата.

Македонија е меѓу земјите од медитеранскиот регион кои се сè повеќе изложени на подолги сушни периоди, намалени врнежи и пораст на температурите, предупредуваат од Центарот за климатски промени.
Според нивните анализи, особено ранливи на суша се делови од Североисточниот, Скопскиот, Вардарскиот, Пелагонискиот и Југоисточниот Регион, како и Скопската и Штипската котлина и Овчеполието.
Од Центарот посочуваат дека сушата директно влијае врз водните ресурси, земјоделството и локалните заедници, предизвикувајќи економски загуби и зголемена социјална ранливост. Затоа апелираат на поголеми финансиски вложувања, подобро планирање и зајакнување на институционалните капацитети за справување со климатските ризици.
