Култура

„Самоуништување“ повторно на големото платно, Кинотека одбележува 30 години од премиерата

18.06.2026 12:00

По повод 30-годишнината од премиерата на култниот македонски филм „Самоуништување“, Кинотеката на Македонија на 19 јуни организира специјална проекција на ова остварување. Филмот, препознатлив по хуморот, социјалната критика и впечатливите ликови, и денес останува значаен дел од домашната кинематографија.

Кинотеката на Македонија на 19-ти јуни со почеток во 20:30 часот ќе ја одбележи 30-годишнината од премиерата на македонскиот филм „Самоуништување“ со специјална проекција.

Филмот е во режија на Ербил Алтанај, а сценариото го потпишува Сашко Насев. Приказната го следи животот на таксист кој низ секојдневните предизвици и низа необични и комични ситуации остава трага врз луѓето околу себе. Преку неговите доживувања, филмот нуди сатиричен приказ на општеството и човековите слабости.

Во главните улоги настапуваат Јовица Михајловски, Катерина Коцевска и Оливер Митковски, заедно со бројни познати актери кои придонесоа „Самоуништување“ да остане запаметено кај публиката.

Три децении по првото прикажување, филмот и натаму се смета за значајно сведоштво за едно време и препознатлив израз на македонската кинематографија. Од Кинотеката ги повикуваат љубителите на филмот да ја искористат можноста повторно да го погледнат на големото платно.