Пред мировниот договор со Иран, расте политичкиот притисок врз Трамп
Американски републиканци и демократи изразија сомнежи околу резултатите од договорот со Иран, кој треба да биде потпишан в петок во близина на Луцерн. Во меѓувреме, НАТО и Обединетите нации го следат влијанието на договорот врз безбедноста на Блискиот Исток и состојбата во Либан.

И додека меѓународната јавност го чека потписот на договорот меѓу САД и Иран, на домашен терен, шефот на Белата куќа се соочува со гласни критики. Пратеници во Сенатот на САД, и републиканци и демократи, изразија загриженост во врска со тоа дали претседателот Трамп ги постигнал целите во конфликтот.
„Доколку има конечен договор, а се надевам дека ќе има, тој треба да дојде до Сенатот на одобрување. Но, тоа нема да го знаеме 90 дена. Мора да видиме значајни, вистински чекори од Иран. Иран го водат религиозни фанатици. Тие учат да лажат пред да научат да зборуваат, не можете да им верувате“, изјави сенаторот Џон Кенеди, републиканец, Луизијана.
Спогодбата треба да доведе до двомесечно продолжување на прекинот на огнот и почеток на преговори за нуклеарната програма на Иран.
„60 дена е краток рок, но повторно, отстапувањето од војна која била нелегална и никогаш не требало да почне е нешто за кое треба да се чувствуваме добро, а потоа само се надеваме дека нашите преговарачи ќе добијат добар договор и ќе мора да го вратат во Конгресот, согласно законот“, рече сенаторот Тим Кејн, демократ, Вирџинија.
Генералниот секретар на НАТО вели дека договорот ќе ја зајакне меѓународната безбедност. Руте вели дека напорите предводени од Франција и Обединетото Кралство за враќање на слободната пловидба низ Ормускиот теснец добиваат поддршка од повеќе земји, а Алијансата е подготвена да помогне доколку тоа е потребно.
„Акцијата на САД за спречување на заканата од нуклеарно вооружен Иран и деградирање на неговиот капацитет за балистички ракети ја подобрува безбедноста за сите нас. Потегот на претседателот Трамп создаде можност да се осигура дека Иран никогаш нема да добие нуклеарно оружје“, изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.
За Техеран останува клучно, прекинот на војната да значи и крај на израелското присуство во Либан. Мировниците од УНИФИЛ пријавија помалку напади меѓу израелските сили и Хезболах, велат во ООН.
„Некои раселени семејства, претпазливо се враќаат во своите места на потекло по објавувањето на договорот меѓу САД и Исламската Република Иран. Иако насилството се намали од неделата, инцидентите во јужен Либан продолжуваат да се пријавуваат, што има директно влијание врз способноста на луѓето да ги проверат своите домови или да се движат. Присуството, исто така, на неексплодирани воени средства останува многу сериозна загриженост за сите“, изјави Стефан Дујарик, портпарол на ООН.
САД и Иран ќе го потпишат мировниот договор в петок. Швајцарското Министерство за надворешни работи соопшти дека церемонијата ќе се одржи во одморалиште во близина на Луцерн. Локацијата ја предложиле пакистанските и катарските медијатори, заедно со САД и Исламската Република.
Маријана Димовска
