Македонија и Италија ќе ја продлабочуваат полициската соработка
Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, во Рим оствари средба со генералниот директор на италијанската полиција, на која беше потврдена подготвеноста за зајакнување на соработката во борбата против организираниот криминал, тероризмот, илегалната миграција и сајбер-криминалот.

Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, денеска во Рим оствари работна средба со генералниот директор на италијанската полиција. Средбата беше организирана со поддршка на проектот EU4FAST.
На средбата се разговараше за унапредување на билатералната соработка меѓу двете полициски служби, особено во справувањето со современите безбедносни предизвици како што се тероризмот, организираниот и транснационалниот криминал, илегалната миграција, сајбер-криминалот и злоупотребите поврзани со криптовалутите.
Соговорниците ја потврдија подготвеноста за поинтензивна размена на информации, податоци и оперативни искуства, како и за реализација на заеднички обуки, тренинзи и едукативни програми.
Беше разгледана и можноста за воспоставување поцврста институционална рамка преку потпишување меморандум или протокол за соработка, со директни контакт-точки меѓу двете полиции за побрза комуникација и координација.
На средбата беше истакната и потребата од развивање заеднички регионални иницијативи, со оглед на тоа што современите безбедносни закани бараат координиран меѓународен пристап.
