Автобусот на ЈСП технички бил исправен, се чекаат деталите од увидот
Стравична слика на местото на несреќата. Во паркот беа останати предметите што ги носеле патниците. Автобусот превртен и целосно оштетен. Откорнал клупа и дрво во околниот парк...

49 лица сеповредени при превртувањето на автобус на ЈСП кај Драчево. Повредените со три возила на итната медицинска помош се префрлени во скопските клиники. Полицијата ги истражува деталите како се случила несреќата. Дали станува збора за лизгав коловоз, неисправност на автобусот или пребрзо возење – одговор ќе даде истрагата.
„Од страна на СВР Скопје излезено е на лице место, извршен е увид и се работи за утврдување на причините за сообраќајната незгода“, изјави портпаролот на СВР Скопје, Лиза Бендевска.
Стравична слика на местото на несреќата. Во паркот беа останати предметите што ги носеле патниците. Автобусот превртен и целосно оштетен. Откорнал клупа и дрво во околниот парк. Директорот на скопското Јавно сообраќајно претпријатие, Николов вели дека ги чека деталите од увидот. Тврди дека автобусот технички бил исправен, за што има и документација.
„Според нашата евиденција тој е технички исправен автобус. Направен му е технички преглед, сепак и тоа ќе биде дел од извештајот на МВР, да провериме нашите служби дали ја завршиле работата како што треба. Нашиот возач не знае што точно се случило, не е повреден, меѓутоа е видно потресен и вознемирен, така што за секоја дополнителна информација ќе Ве информираме“, изјави директорот на ЈСП, Мишо Николов.
На местото на настанот, полицијата изутринава вршеше увид, а сообраќајот од едната коловозна лента беше пренасочен, но без поголем застој.
Наташа Гркова-Петрушевска
