Дипломатија

Муцунски во Даблин, Ирска со поддршка за европските аспирации на Македонија

17.06.2026 17:47

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски во Даблин се сретна со ирската министерка за надворешни работи и одбрана Хелен Мекенти. Во фокусот на разговорите беа билатералната соработка, европската интеграција на Македонија и актуелните безбедносни предизвици во Европа.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска во рамки на работната посета на Даблин оствари средба со ирската министерка за надворешни работи и одбрана, Хелен Мекенти.

На средбата била потврдена одличната билатерална соработка меѓу Македонија и Ирска, како и заедничката заложба за нејзино понатамошно унапредување на политички, економски и трговски план.

Посебно внимание било посветено на процесот на европска интеграција на земјава, во пресрет на претстојното ирско претседавање со Советот на Европската Унија, кое започнува на 1 јули. Муцунски изразил благодарност за континуираната ирска поддршка на политиката на проширување и на македонските евроинтегративни стремежи.

Соговорниците размениле мислења и за актуелните регионални и глобални прашања, при што се согласиле дека во услови на засилени геополитички и безбедносни предизвици, Европа има потреба од поголемо единство, солидарност и меѓусебна соработка.