САД и Иран порано од предвиденото ја потпишаа изјавата за прекин на огнот
САД и Иран, порано од предвиденото ја потпишаа изјавата за намери со што официјално почнува процесот за постигнување траен мировен договор. Документот овозможува повторно отворање на Ормускиот теснец, запирање на поморската блокада на иранските пристаништа и преговори за иранската нуклеарна програма во период од 60 дена. Формалната церемонија е закажана за утре во Швајцарија. Сепак и двете страни се заканија дека може повторно да го употребат оружјето доколку договореното пропадне...

Претседателите на САД и Иран, порано од предвиденото ја потпишаа изјавата за намери, со што официјално почнува процесот за постигнување траен мировен договор. Формалната церемонија е закажана за утре во Швајцарија. САД повторно би можеле да го бомбардираат Иран ако не се склучи конечен договор, дециден претседателот Трамп. Шефот на Белата куќа вели дека најверојатно силите на САД нема да бидат уште долго во регионот на Заливските земји.
„Не сме размислувале за тоа. Навистина, веројатно уште некое време. Тоа е добро место за престој. Прашањето беше колку долго ќе ја оставите војската во Заливот? Би рекол малку. Ќе видиме како ќе оди се. Мислам дека ќе помине добро, но ќе видиме“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Спикерот на иранскиот парламент и главен преговарач вели дека недовербата во САД останува, а прстите на Иранците се на чкрапалото.
„Разликата помеѓу преговорите сега и претходните периоди е што денес, на теренот постои знамето на победата, што и непријателите и пријателите го признаа“, изјави Мохамад Багер Калибаф, претседател на парламентот на Иран.
Договорот меѓу Вашингтон и Техеран предвидува повторно отворање на Ормускиот Теснец, фонд за обнова на Иран од 300 милијарди долари и укинување на американските санкции и одредби за обезбедување на територијалниот интегритет на Либан. За иранската нуклеарна програма ќе се преговара во следите два месеца.
„Мислам дека претседателот Трамп постигна добар договор. Тој е важен затоа што она што го прави овој договор е деградирање на нуклеарниот капацитет. Истото важи и кога станува збор за балистичките ракетни капацитети, кои претставуваат закана не само за Блискиот Исток, туку и за Европа и другите делови од светот, но исто така и за враќање на слободата на навигација“, изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.
САД и Израел ја почнаа војната против Иран на 28-ми февруари, уште првиот ден беше ликвидиран врховниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи и врвни ирански воени функционери.
Маријана Димовска
