„Купи куќа, купи стан“ продолжува и следната година
Досега 331 семејство го решиле станбеното прашање со овој проект, а заинтересираност има во сите градови низ Македонија, велат од Министерството за финансии...

Проектот „Купи куќа, купи стан“ продолжува и во 2015- та година, во буџетот има доволно средства за реализација на овој проект, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
„Неодамна ги подобривме и условите, односно ја намаливме каматната стапка за граѓаните на 3,95 проценти за првите 3 години и 4,44 проценти за четвртата и петтата година, доколку се работи за моделот- половина рата. Тоа се извонредни и незабележани досега услови на нашиот пазар, а граѓаните добро реагираат и има зголемен интерес откако ја намаливме каматната стапка“, појасни Ставрески.
Досега 331 семејство го решиле станбеното прашање со овој проект, а заинтересираност има во сите градови низ Македонија, велат од Министерството за финансии. Засега, граѓаните повеќе се решаваат за купување стан. Од 331 семејство, околу 270-280 се одлучиле за стан, но по намалувањето на каматната стапка интересот за куќа се зголемува.
Со субвенциите преку овој проект може да се заштеди и до 14 илјади евра.
