Украина во фокусот на министерскиот состанок на НАТО во Брисел
Европа ќе мора повеќе да инвестира во сопствената безбедност. Додека војната во Украина продолжува, а тензиите со Русија растат, НАТО во Брисел расправа за новата распределба на одговорностите во Алијансата. Вашингтон веќе го намалува учеството во дел од кризните капацитети и бара европските сојузници да преземат поголем дел од товарот. Во фокусот на министерскиот состанок и зголемувањето на трошоците за одбрана, новите инвестиции и поддршката за Украина. На средбата учествува и македонскиот министер за одбрана Владо Мисајловски...

Зголемување на трошоците за одбрана, инвестициите и Украина, во фокусот на министерскиот состанок на НАТО во Брисел, на кој учествува и македонскиот министер Владо Мисајловски. Средбата следува откако САД сигнализираа дека повеќе нема да испорачуваат носач на авиони и бродови за поддршка, и авиони за полнење гориво, доколку дојде до криза. Вашингтон инсистира на спроведување на новиот концепт на Алијансата со кој Европа треба да преземе поголема одговорност за сопствената одбрана во рамките на НАТО.
„Генералниот секретар заврши фантастична работа водејќи го патот, работејќи со нас, работејќи со претседателот Трамп, работејќи со НАТО за да се стигне до НАТО 3.0. Тоа е признание по студената војна дека пактот треба да се врати на вистински тврдокорен воен сојуз кој има вистински воени капацитети, способен да одвраќа токму тука на континентот и да ја преземе водечката улога во конвенционалната одбрана на Европа. Многу обврски беа преземени на Самитот во Хаг. Некои земји сè уште треба да направат повеќе, и ние ќе бидеме искрени за тоа, и приватно и јавно. Мислам дека тоа е важно. Пријателите се искрени со пријателите“, изјави Пит Хегсет, секретар за одбрана на САД.
Генералниот секретар на Алијансата изјави дека намалувањето на американското учество во кризните сили на НАТО стапи во сила веднаш.
„Како алатка за планирање, мора да го земеме предвид фактот дека сад ги намалуваат своите придонеси, сè уште значителни, но некако пониски отколку што беа во минатото. Она што го гледате таму е дека европејците сега го пополнуваат. Дел од ова е веќе направено. Дел од ова е во тек. Работиме на тоа. И секако, сè уште имаме работа да направиме по други прашања“, изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.
Во услови на растечки безбедносни предизвици, земјите во Европа веќе го зголемуваат своето учество за да ги пополнат празнините и да ја намалат зависноста од САД.
„Како што знаете, Франција е длабоко посветена да учествува во оваа поделба на товарот бидејќи отсекогаш се залагала за суверенитет, автономија и одговорност. Секако, оваа одговорност мора да се одрази и во однос на способностите. Како што знаете, саемот за оружје моментално се одржува во Париз, со 2.600 изложувачи, од кои 700 се Французи, и производители кои се вистински лидери во индустријата. Тие се посветени на иновациите и на способноста за испорака, бидејќи препознаваме дека светот треба да се вооружи“, изјави Катрин Вотрен, министерка за одбрана на Франција.
Претходно, Германија и Полска потпишаа нов договор за одбрана во услови на зголемени тензии со Русија и растечка неизвесност за ангажманот на САД во Европа. Лидерите на Г-7 пак, се согласија да го зголемат снабдувањето со капацитети за воздушна одбрана за Украина. На фронтот продолжуваат борбите. Двете страни нотираат напади со беспилотни летала. Во Москва погодена нафтена рафинерија.
Катерина Бојаџиева
