Инвестициите во Коридорот 10, во фокусот на регионалната средба во Солун
Инвестициите во Коридорот 10, една од најважните транспортни артерии на Балканот, денеска се во фокусот на регионалната средба во Солун. Претставници на седум држави од регионот и на Европската комисија веќе ги почнаа разговорите за нови инвестиции, подобра поврзаност и забрзување на транспортните проекти. На состанокот учествува и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Коридорот 10 ќе го градат сите земји на коишто им припаѓа и ќе стане економски најзначаен во Европа. Ова го истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на Самитот на министрите за транспорт од земјите од Западен Балкан, кој се одржа во Солун. Па така, Македонија влегува во фаза на интензивен инфраструктурен развој со почетокот на реализацијата и на еден од најголемите железнички проекти – изградба на брза железница долж Коридор 10, од границата со Србија до границата со Грција.
Според најавите, патничките возови ќе се движат со брзина од 160 до 200 километри на час, додека товарните до 120 километри на час. Проектот е проценет на најмалку две милијарди евра и треба да е реализиран во рок од пет години. Финансирањето, како што посочи Николоски, е обезбедено преку Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство.
На самитот, организиран од Секретаријатот на Транспортната заедница, се разговараше за инфраструктурните приоритети и инвестициските предизвици во регионот, а присуствуваше и еврокомесарот за одржлив транспорт и туризам, Апостолос Цицикостас.
Модернизацијата и доизградбата на Коридор 10 претставуваат клучен предуслов за одржлив економски раст и поефикасно поврзување на земјите од Југоисточна и Централна Европа.
Ваквите сериозни проекти ќе придонесат за подобро регионално поврзување, забрзан транспорт на стоки и патници, како и зголемување на конкурентноста на македонската економија.
Борис Грујоски
