Македонија

Акција на повеќе локации во Скопје поради сомнежи за финансиски криминал во ФФМ

18.06.2026 13:26

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, во координација со Финансиската полиција и МВР, спроведува акција на повеќе локации во Скопје во рамки на повеќегодишна истрага поврзана со работењето на Фудбалската федерација на Македонија.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) соопшти дека, под раководство на надлежен јавен обвинител, заедно со Управата за финансиска полиција и Министерството за внатрешни работи, спроведува координирана акција на повеќе локации во Скопје.

Од Обвинителството информираат дека акцијата е резултат на повеќегодишна предистражна постапка поврзана со работењето на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), која ја спроведувале истражителите на Истражниот центар при ОЈО ГОКК и Управата за финансиска полиција.

„Повеќе информации за предметот ќе бидат соопштени во текот на денот по завршување на дејствата што се преземаат“, соопштија од ОЈО ГОКК.

Според информациите објавени во дел од медиумите, во рамки на акцијата е приведен и поранешниот претседател на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски. Случајот произлегува од кривична пријава што Финансиската полиција ја поднесе пред неколку години против 11 физички и 14 правни лица, под сомнение за проневера на околу 2,4 милиони евра во ФФМ.

Од надлежните институции засега нема официјални детали за лицата опфатени со истрагата и за конкретните дејствија што се преземаат.