„Credence Dance“ со над 100 учесници од четири континенти во Скопје
Од 20 до 26 јуни во Скопје ќе се одржи четвртото издание на фестивалот „Credence Dance – Вечери на класичен и современ танц“, кој ќе обедини повеќе од 100 танчери и кореографи од осум земји, а ќе ја донесе и премиерата на македонскиот мјузикл „Авантурата Њујорк“.

Четвртото издание на фестивалот „Credence Dance – Вечери на класичен и современ танц“ ќе се одржи од 20 до 26 јуни во Скопје, во организација на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Во рамки на четирите фестивалски вечери публиката ќе има можност да проследи разновидна програма која опфаќа класичен и современ танц, џез и експериментални танцови форми. Предвидени се и семинари по современ танц и класичен балет како дел од оф-програмата.
Годинава фестивалот ќе обедини повеќе од 100 учесници од четири континенти, а ќе настапат танчери и кореографи од Кина, САД, Бразил, Јужна Кореја, Германија, Шпанија, Италија и Македонија. Организаторите истакнуваат дека главна цел на фестивалот е промоција на млади танчери и кореографи и создавање простор за размена на идеи и нови уметнички концепти.
Како новина, годинава ќе биде изведена премиерата на мјузиклот „Авантурата Њујорк“, авторски проект на македонски тим, во кој учествуваат студенти и ученици од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“.
Традиционално ќе биде доделена и наградата за трајни вредности во танцот, која оваа година постхумно му припадна на Марин Црвенов, истакнат кореограф, педагог и првенец на Македонскиот народен театар.
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и туризам и се реализира во рамки на одбележувањето на 60 години од основањето на Факултетот за музичка уметност. Настаните ќе се одржат во Националната опера и балет, а влезот за сите фестивалски вечери е слободен.
