Експертите сметаат дека Манчестер Јунајтед се уште нема капацитет за шампион

Невил: Најмалку уште 100 милиони фунти за титула

23.09.2014 14:00

Последниот пораз на Манчестер Јунајтед од Лестер, особено чудесниот начин на којшто „црвените ѓаволи“ загубија на гостувањето со 5-3 откако прокоцкаа водство од 3-1, уште повеќе ги разгоре дебатите околу моменталната ситуација во најтрофејниот англиски фудбалски клуб, којшто под водство на Луј Ван Гал го има најслабиот почеток на една премиерлигашка сезона. Клубот освои само пет бода во првите пет одиграни кола, па навивачите се повеќе го губат трпението, а се погласни стануваат и фудбалските експерти на островот.

Последниот пораз на Манчестер Јунајтед од Лестер, особено чудесниот начин на којшто „црвените ѓаволи“ загубија на гостувањето со 5-3 откако прокоцкаа водство од 3-1, уште повеќе ги разгоре дебатите околу моменталната ситуација во најтрофејниот англиски фудбалски клуб, којшто под водство на Луј Ван Гал го има најслабиот почеток на една премиерлигашка сезона. Клубот освои само пет бода во првите пет одиграни кола, па навивачите се повеќе го губат трпението, а се погласни стануваат и фудбалските експерти на островот. Меѓу нив вниманието особено го привлече ставот на некогашниот играч на Манчестер Фил Невил.

„Јунајтед потроши околу 150 милиони фунти на засилувања, но мислам дека ќе мора да потроши уште 100 милиони фунти во наредните два преодни рока пред да може да почне да размислува за шампионската титула“, рече Невил во улога на коментатор-аналитичар на БиБиСи Радио 5.

„Треба да ги пополни критичните места – стопер и централен играч за врска. На тимот му требаат поединци од светска класа, а такви дефанзивци во моментов Манчестер нема. Смолинг ќе се развие, му верувам и на Џонс, но покрај купувањето толку странци клубот ќе треба да го сочува и англиското јадро“, смета Невил, којшто минатата сезона беше дел од стручниот тим на Дејвид Мојс, под чие водство Манчестер остана без пласман во Европа.

Изминатово лето Ван Гал ангажираше неколку звучни имиња, купувајќи ги Анхел Ди Марија, Андeр Ерера, Маркос Рохо, Дејли Блинд и Лук Шо, а на позајмица го донесе и Радамел Фалкао. Сепак, најпроблематична остана потесната одбрана, во којашто сите пет првенствени средби со многу проблеми ги одигра непознатиот Тајлер Блекет, Еванс е непрепознатлив во споредба со порано, а Смолинг и Џонс се повредени. Холандскиот стручњак не пронајде соодветна замена за срцето на дефанзивата, коешто долго време го сочинуваа Фердинанд и Видиќ.