Србија

Затворски казни за родителите на момчето кое го изврши масакрот во „Рибникар“

18.06.2026 18:09

Вишиот суд во Белград му изрече казна од 14 години и шест месеци затвор на Владимир Кецмановиќ и две години и 11 месеци на Милјана Кецмановиќ, оценувајќи дека го занемариле воспитувањето и менталната состојба на нивниот син.

Владимир и Милјана Кецмановиќ, родителите на момчето убиец кое изврши масовно убиство во основното училиште „Владислав Рибникар“, денес се осудени пред Вишиот суд во Белград на казни од 14 години и шест месеци за таткото Владимир, за кривичните дела занемарување и злоупотреба на малолетно лице и тешко дело против јавната безбедност, и две години и 11 месеци за мајката Милјана за кривично дело занемарување и злоупотреба на малолетно лице.

Објаснувајќи ја пресудата, судијата детално опиша дека идејата за злосторството нивниот син Коста Кецмановиќ ја добил откако гледал документарец за масовно убиство и објасни дека испукал 66 куршуми, од кои 50 ги погодиле жртвите.

Тој изјави дека планот го направил врз основа на видео-игри и направил список на кој ги навел „примарните цели“.

„Родителите ја занемариле менталната состојба на детето и не му била укажана помош“, рече судијата и додае дека Коста во периодот кога имал помеѓу 11 и 12 години, пукал неколку пати со оружје. Го обучиле како да држи оружје, како да дише и во која положба да стои.

Детето, масовен убиец, во времето на злосторството сè уште немало 14 години и затоа кривично не одговара, сместено е во психијатриска установа.

Тој користејќи два пиштоли од неговиот татко отишол на училиште и за време на првиот час убил 10 лица и ранил уште пет деца и еден наставник.

Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ