Едукации на наставниците и психолозите за превенција и детектирање на облиците на врсничко насилство
Следната недела почнуваат едукациите на наставниците и психолозите во сите училишта низ земјава, за превенција и детектирање на облиците на врсничко насилство. Целта, на овој мулти институционален проект е преку заедничка работа да се одговори на се поголемиот број случаи на насилство во кои жртви се децата. На прес-конференција беа соопштени и бројки кои загрижуваат. Во 64 училишта низ земјава се евидентирани инциденти. Полицијата постапува...

Тепачки меѓу ученици, снимање и објавување понижувачки видеа на социјалните мрежи, сајбер булинг, навреди, закани. Полицискиот билтен евидентира по три училишни инциденти неделно – и ова е просекот од почетокот на годинава. Во 64 училишта имало 93 настани поврзани со овој тип насилство. Затоа, од идната недела надлежните почнуваат со едукација на наставници, педагози и психолози за рано препознавање и спречување на агресијата по училишните дворови и ходници.
Тоа што го гледаат децата дома, го применуваат на училиште – заклучуваат надлежните. Затоа е потребна брза институционална реакција за спречување на насилството во домот. Во последните 5 месеци, објави министерот Тошковски – стигнале 768 пријави за семејно насилство, што е раст од 67 насто за само една година.
Насилството врз деца е повеќе од двојно зголемено, а регистрирани се и шест случаи на силување на дете, што е за пет повеќе од лани.
Анита Димитријевска – Велковска
