Случај ФФМ

Приведен Илчо Ѓорѓиоски во истрага за финансиски злоупотреби во ФФМ

18.06.2026 17:07

Поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски, е приведен во рамки на истрага за наводни финансиски злоупотреби. Од ФФМ тврдат дека штетата надминува 2,5 милиони евра.

Полицијата отвори ново поглавје за случајот што ги тресе фудбалските кругови. Под лупа се финансиските трансакции и работењето на Федерацијата. Поранешниот прв човек на македонскиот фудбал, Илчо Ѓорѓиоски е приведен во истрага за наводни финансиски злоупотреби. Фудбалската федерација тврди дека штетата надминува повеќе од 2,5 милиони евра. Од ФФМ соопштија дека случајот потекнува од пријава поднесена уште во 2019-та година до Обвинителството за организиран криминал и корупција.

„Во врска со предметот кој Фудбалската федерација на Македонија го пријави до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во 2019 година, информираме дека по поднесената пријава беше спроведена истрага од страна на Управата за финансиска полиција, по што во 2020 година беше поднесена соодветна кривична пријава до надлежното обвинителство“, велат од ФФМ.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција информира дека, под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, Управата за финансиска полиција и Министерството за внатрешни работи спроведуваат координирана акција на повеќе локации во Скопје.

„Акцијата е резултат на повеќегодишна предистражна постапка за ФФМ спроведена од истражителите на истражниот центар при Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) и Управата за финансиска полиција (УФП)“, стои во соопштението.

Повеќе информации за предметот ќе бидат соопштени по завршување на дејствата што се преземаат, велат од Обвинителството.

Ѓорѓиоски беше на чело на ФФМ од 2012 до 2018 година. Ова е втор случај во краток период во кој поранешен претседател на македонската фудбалска федерација се соочува со истрага.

Пред два месеци беше приведен и поранешниот претседател Муамед Сејдини, кој беше обвинет за злоупотреба на средства од донација на УЕФА наменета за изградба на трибина на стадион во Охрид.

Ана Јосифоска