Истрага за финансиски криминал во ФФМ
Уапсен е поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија. Се вршат претреси на неколку локации во земјава, акцијата е во тек. Под лупа финансиските трансакции во куќата на фудбалот. Истрага е отворена против физички и правни лица за проневери тешки над два ипол милиони евра.

Полицијата отвори ново поглавје за случајот што ги тресе фудбалските кругови. Под лупа се финансиските трансакции и работењето на Федерацијата. Отворена е официјална истрага против 18 физички и 8 правни лица за проневера на повеќе од два и пол милиона евра и перење пари. Истрагата опфаќа двајца поранешни претседатели на ФФМ, раководителката на Одделението за финансии и сметководство, раководител на Одделот за судии и судење, како и 14 управители, сопственици и овластени лица во повеќе правни субјекти. Осомничени се и осум правни лица. На осомничените им се ставаат на товар кривичните дела „проневера во службата“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“. Меѓу приведените е и поранешниот прв човек на македонскиот фудбал, Илчо Ѓорѓиоски.
Ѓорѓиоски беше на чело на ФФМ од 2012 до 2018 година. Ова е втор случај во краток период во кој поранешен претседател на Македонската фудбалска федерација се соочува со истрага.
Пред два месеца беше приведен и поранешниот претседател Мухамед Сејдини, кој беше обвинет за злоупотреба на средства од донација на УЕФА наменета за изградба на трибина на стадион во Охрид а во оваа истрага е второосомничен. Истиот веќе е во притвор кој му е определен во другата постапка.
„Во рамки на акцијата а согласно насоките на надлежниот јавен обвинител од страна на овластени службени лица од управата за финансиска полиција од слобода се лишени 12 лица, 5 лица се недостапни на органите на прогон а воедно е обезбедена дополнителна документација. Запленети се парични средства и одземени електронски уреди кои ќе бидат предмет на вештачење“, се вели во соопштението од Финансиска полиција.
Првоосомничениот, во периодот од 2015 до 2018 година, заедно со раководителката на финансискиот сектор, наводно присвоил средства доверени во службата во износ од 127,4 милиони денари. Второосомничениот, кој исто така бил претседател на ФФМ, во периодот од јули 2018 до октомври 2019 година, според истрагата, присвоил дополнителни 53,3 милиони денари.
„Двајцата осомничени претседатели на ФФМ, во различни временски периоди, иако биле должни да обезбедат законито, економично, наменско и транспарентно користење на финансиските средства и да вршат контрола над финансиското работење на федерацијата, одобриле и потпишале вкупно 728 налози за исплата доставени од страна на осомничената раководителка. Со тоа овозможиле исплата на парични средства без целосна и валидна финансиска документација и без претходна проверка на основаноста и намената на исплатите“, се вели во соопштението од ОЈО ГОКК.
Од надлежното обвинителство информираат дека за 10 лица јавниот обвинител до судијата на претходна постапка ќе предложи определување на мерка притвор, додека за седуммина ќе бидат предложени соодветни мерки за обезбедување на нивното присуство во текот на постапката. Второосомничениот претседател на ФФМ, веќе е во притвор кој му е определен во друга постапка.
Од ФФМ соопштија дека случајот потекнува од пријава поднесена уште во 2019 година до Обвинителството за организиран криминал и корупција.
„Во врска со предметот кој Фудбалската федерација на Македонија го пријави до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во 2019 година, информираме дека по поднесената пријава беше спроведена истрага од Управата за финансиска полиција, по што во 2020 година беше поднесена соодветна кривична пријава до надлежното обвинителство“, се вели во соопштението од ФФМ.
Фудбалската федерација на Македонија ќе продолжи целосно да соработува со сите надлежни државни институции во постапките поврзани со евентуални незаконитости и заштита на интересите на федерацијата“, е ставот на ФФМ.
Ана Јосифоска
