Меморандумот во сила

19.06.2026 08:33

Меморандумот за разбирање меѓу САД и Иран е во сила. Ормускиот теснец е повторно отворен, а американската поморска блокада укината.

Исламабадскиот меморандум за разбирање меѓу САД и Иран е во сила. Ормускиот теснец е повторно отворен, а американската поморска блокада укината. Почна одбројувањето на 60-дневните преговори за постигнување траен мировен и нуклеарен договор. Иако деталите за техничките разговори сè уште не се финализирани, американската делегација е подготвена да замине веднаш штом се создадат услови.

„Мировниот план на претседателот во Иран веќе дава вистински плодови. 12,5 милиони барели нафта веќе поминаа низ Ормускиот теснец. Цените на бензинот паднаа, а бродовите повторно се движат. тоа е победа за американскиот народ и за претседателот на сад, без оглед на тоа која опција на крајот ќе ја изберат Иранците“, изјави Џеј Д. Венс, потпретседател на САД.

Врховниот лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, оцени дека договорот е постигнат „од очај“, но потврди дека го одобрил, и покрај „различниот став“, по уверувањата од иранскиот претседател дека ќе ги заштити правата на иранската нација. Тој порача дека Иран ќе продолжи со разговорите само доколку се почитуваат неговите позиции и интереси.

„Од овој момент па натаму, преговорите лице в лице што ќе се водат во иднина нема да значат прифаќање на мислењето на непријателот“, се вели во соопштението на Моџтаба Хамнеи, врховен лидер на Иран.

Иранскиот врховен совет за национална безбедност соопшти дека ќе преземе мерки за бродовите што минуваат низ теснецот брзо да добиваат потребни дозволи. Трамп изјави дека очекува целосен прекин на огнот на сите фронтови, вклучително и во Либан.

„Соединетите американски држави се посветени на мирот и ги охрабруваме сите во регионот да ја одржат својата посветеност, за да овозможиме преговорите да се одвиваат успешно. Очекуваме целосен прекин на огнот на сите фронтови, вклучително Либан, Хезболах и Израел“, изјави Доналд Трамп“, објави Доналд Трамп, претседател на САД.

Хезболах го оцени договорот како „вистинска победа за Иран“, додека борбите со Израел продолжуваат со намален интензитет во јужен Либан. Израел останува на ставот дека нема повлекување додека постои закана од милитантите.

„Овој меморандум е вистинска победа за Иран. во регионот се случуваат големи трансформации, а Либан е засегнат од нив“, изјави Хасан Фадлалах, висок претставник на Хезболах.

„Точно е дека борбата сè уште не е завршена и дека треба да останеме смирени и цврсти во одбраната на нашите безбедносни интереси, додека ја одржуваме врската со нашите американски пријатели“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Европа претпазлива, засега не зборува за укинување на санкциите кон Иран.

„Секогаш е подобро да се има договор отколку војна, но не верувам дека можеме да кажеме дека е целосно завршена. Никој – а пред сè Франција – не сака Иран да се здобие со нуклеарна бомба“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.

„Имаме јасни услови. Ако условите дозволат и има нуклеарен договор, земјите-членки ќе разговараат за санкциите, но сè уште не сме стигнале до таму“, изјави Каја Калас, шефица за надворешна политика на ЕУ.

Во меѓувреме, светските пазари реагираа позитивно, а цените на нафтата бележат пад поради очекувањата за стабилизирање на снабдувањето.

Бојана Крстевски