Преговорите САД-Иран одложени, мировниот договор останува на сила
Средбата меѓу американската и иранската делегација во Швајцарија е одложена поради логистички причини, но двете страни продолжуваат со спроведување на постигнатиот договор. Во меѓувреме, Ормускиот теснец е повторно отворен, цените на нафтата паѓаат, а тензиите во Либан и натаму ја тестираат стабилноста на примирјето.

Преговорите меѓу САД и Иран, закажани за денеска во Швајцарија, се одложени, соопшти швајцарското Министерство за надворешни работи. Белата куќа наведува дека причината се логистички околности, а американската делегација останува подготвена за средба штом се создадат услови. Во меѓувреме, двете страни продолжуваат со спроведување на договорот. Ормускиот Теснец е повторно отворен, а американската поморска блокада укината. Почна одбројувањето на 60-дневниот период за постигнување траен мировен и нуклеарен договор.
„Мировниот план на претседателот веќе дава вистински плодови. 12,5 милиони барели нафта поминаа низ Ормускиот теснец. Цените на бензинот паднаа, а бродовите повторно се движат. Тоа е победа за американскиот народ и за претседателот на САД“, изјави Џеј Д. Венс, потпретседател на САД.
Врховниот лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, оцени дека договорот е постигнат „од очај“, но потврди дека го одобрил, и покрај „различниот став“. Порача дека Иран ќе продолжи со разговорите само доколку се почитуваат неговите позиции и интереси.
„Од овој момент па натаму … преговорите лице в лице што ќе се водат во иднина нема да значат прифаќање на мислењето на непријателот“, нагласи Моџтаба Хамнеи, врховен лидер на Иран.
Хезболах го оцени договорот како „вистинска победа за Иран“, додека Израел останува на ставот дека нема повлекување од Либан додека постои закана од милитантите. Израелската војска соопшти дека извршила напади врз цели во јужен Либан во текот на ноќта, додека Хезболах јави за интензивни судири во областа.
„Овој меморандум е вистинска победа за Иран. Во регионот се случуваат големи трансформации, а Либан е засегнат од нив“, рече Хасан Фадлалах, висок претставник на Хезболах.
„Борбата сè уште не е завршена … мора да останеме цврсти во одбраната на нашите безбедносни интереси“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Трамп очекува целосен прекин на огнот на сите фронтови, вклучително и во Либан.
„САД се посветени на мирот и ги охрабруваме сите во регионот да ја одржат својата посветеност, за да овозможиме преговорите да се одвиваат успешно. Очекуваме целосен прекин на огнот на сите фронтови, вклучително Либан, Хезболах и Израел“, објави американскиот претседател, Доналд Трамп.
Борбите, според оценките, би можеле да го доведат во прашање спроведувањето на договорот. Европа претпазлива.
„Секогаш е подобро да се има договор отколку војна … но не верувам дека можеме да кажеме дека е целосно завршена. Никој – а пред сè Франција – не сака Иран да се здобие со нуклеарна бомба“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.
„Имаме јасни услови. Ако условите дозволат и има нуклеарен договор, земјите-членки ќе разговараат за санкциите, но сè уште не сме стигнале до таму“, нагласи Каја Калас • шефица за надворешна политика на ЕУ.
Во меѓувреме, светските пазари реагираа позитивно, а цените на нафтата бележат пад поради очекувањата за стабилизирање на снабдувањето.
Бојана Крстевски
