Е- трговија

АЕТМ го ажурираше Регистарот на е-трговци за побезбедно онлајн купување

19.06.2026 11:58

Регистарот опфаќа 1.374 активни е-продавници распределени во 25 категории и претставува единствена база на домашни онлајн трговци кои нудат плаќање со картичка.

Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ) го објави најновото издание на Регистарот на е-трговци, со цел граѓаните полесно да проверат дали купуваат од регистрирани и доверливи онлајн продавачи.

Регистарот опфаќа 1.374 активни е-продавници распределени во 25 категории и претставува единствена база на домашни онлајн трговци кои нудат плаќање со картичка. Според податоците на АЕТМ, најзастапени се продавниците за козметика и нега, облека и обувки, храна и пијалаци, електроника и туризам.

Од АЕТМ посочуваат дека регистарот е важна алатка за заштита на потрошувачите од онлајн измами и за намалување на сивата економија, бидејќи овозможува проверка дали продавачот е регистриран правен субјект.

Во 2025 година вредноста на онлајн трансакциите во земјава достигнала 950 милиони евра, што е раст од 32 проценти во однос на претходната година.