Македонски општини и КИЦ Загреб договараат културна и туристичка соработка
Делегација од шест македонски општини, во рамки на студиската посета на Хрватска, го посети Македонскиот културно-информативен центар во Загреб, каде беа разгледани можности за заедничка промоција на културните и туристичките потенцијали на локалните самоуправи.

Делегација составена од претставници на општините Битола, Кичево, Новаци, Демир Капија, Куманово и Вевчани оствари средба со директорката на Македонскиот културно-информативен центар во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска.
На средбата беа иницирани активности за продлабочување на соработката меѓу КИЦ Загреб и македонските општини, со акцент на промоцијата на културното наследство, традицијата, природните убавини и туристичките потенцијали на општините пред хрватската јавност.
Разгледани беа можности за организирање заеднички културни настани, изложби, презентации и други активности што би придонеле за развој на културниот туризам и поголема меѓународна видливост на македонските локални самоуправи.
Од Македонскиот КИЦ во Загреб изразија благодарност за посетата, оценувајќи дека ваквите средби се значајни за зајакнување на соработката и промоција на македонската култура и туризам во Хрватска.
