Изложба и концерти во Отворено графичко студио
Публиката ќе има можност да ја посети изложбата „Морфологија на градот“ на Јелена Белиќ, која преку графики ги истражува урбаните трансформации на Скопје.

Во Отворено графичко студио вечерва од 20 часот ќе се одржи мултимедијален настан што ги обединува визуелната уметност, независното издаваштво и музиката, со изложба, промоција на фанзин и два музички настапи.
Публиката ќе има можност да ја посети изложбата „Морфологија на градот“ на Јелена Белиќ, која преку графики ги истражува урбаните трансформации на Скопје. Во рамки на програмата ќе биде промовиран и фанзинот „Нештата што исчезнуваат“, заеднички проект на Скопје Колаж Колектив и Партизанска штампа, посветен на исчезнатите простори и спомени од градот.
Музичката програма вклучува соло концерт на Тодор Караколев, кој настапува по двегодишна пауза, како и настап на YVA & The Toy George, чија музика комбинира електронски, хип-хоп и балкански влијанија.
Настанот е во продукција на Партизанска штампа, со поддршка од Министерството за култура и туризам и Општина Центар.
