Вештачката интелигенција и сајбер заканите во фокусот на првата безбедносна конференција во Скопје
Експерти од осум земји во Скопје дебатираат за новите безбедносни предизвици, вклучувајќи ги сајбер нападите, хибридните закани, вештачката интелигенција и заштитата на критичната инфраструктура.

Границите меѓу класичните и современите безбедносни закани се поклопуваат. Технолошкиот напредок, геополитичките тензии, економските притисоци и киберзаканите се меѓусебно поврзани. Затоа е потребно справување со новите безбедносни предизвици, порачаа од првата безбедносна конференција во Скопје.
„Безбедноста се повеќе зависи од капацитетот и можноста брзо да се адаптираме на новите ризици. Вештачката интелигенција веќе има значителна улога за справувањето со организираниот криминал, тероризмот, перењето пари, трговијата со луѓе и киберкриминалот“, изјави Астрит Исени, заменик-министер за внатрешни работи.
„Безбедноста не е само физичка заштита на државите, луѓето и регионите, туку се проширува на инфраструктурата, кибер и финансиската стабилност. Затоа ЕУ постојано ги подобрува законите за поголема отпорност на земјите-членки“, вели Бен Напнау, заменик-шеф на Канцеларијата на Европска комисија.
Вештачката интелигенција станува клучна за киберодбраната, заштитата на критичната инфраструктура и јакнењето на институционалната отпорност.
„Безбедноста денеска е далеку од само воена одбрана. Вештачката интелигенција ја менува одбраната и процесите на одлучување. Киберзаканите стануваат пософистицирани и почести“, изјави Ардијан Исмаили-Центар за безбедносни студии Скопје.
„Киберинцидентите влијаат на критичните услуги. Дезинформациите ја поткопуваат довербата на јавноста. Економските нарушувања имаат социјални и политички последици. Стабилноста на општествата зависат од отпорноста на вакви закани“, нагласи Сузан Пенкса, заменик-шеф на мисијата на ОБСЕ.
На конференцијата учествуваа експерти од Македонија, Швајцарија, Албанија, Финска, Катар, Чешка, Бугарија и од Турција.
Ирина Гелевска
