Обвинетите во „Онкологија 2“ ослободени од притвор
За Васев е прифатена гаранција во вредност од речиси 184 илјади евра, додека за Нухи над 348 илјади евра. Покрај тоа, двајцата не смеат да го напуштаат Скопје, ќе мора еднаш месечно да се јавуваат во судот, а патните исправи им се одземени...

По повеќе од една година помината во притвор, поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Никола Васев и организацискиот директор Нехад Нухи се ослободени од притвор. Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје ја прифати понудената гаранција со хипотека на недвижен имот и им определи мерки на претпазливост.
За Васев е прифатена гаранција во вредност од речиси 184 илјади евра, додека за Нухи над 348 илјади евра. Покрај тоа, двајцата не смеат да го напуштаат Скопје, ќе мора еднаш месечно да се јавуваат во судот, а патните исправи им се одземени.
Од Кривичниот суд појаснуваат дека одлуката е донесена по предлог на одбраната и со позитивно мислење од Јавното обвинителство. Со оглед дека Обвинителството се откажало од правото на жалба, а хипотеката веќе е впишана во катастарот, решението станало правосилно и обвинетите се ослободени од притвор.
Васев и Нухи се обвинети во предметот „Онкологија 2“, каде според Обвинителството, во периодот од 2018 до 2022 година незаконски набавувале лекови преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата, со што наводно го оштетиле државниот буџет за речиси 36 милиони евра. Паралелно се води и предметот „онкологија 1“, во кој Васев и уште двајца лекари се обвинети за несовесно лекување пациенти.
