Блиски Исток

Договорот меѓу САД и Иран се соочува со прв неуспех, одложени се разговорите во Швајцарија

19.06.2026 16:42

Договорот меѓу САД и Иран се соочува со прв неуспех, одложени се разговорите во Швајцарија откако Белата куќа потврди дека потпретседателот Венс нема да оди поради логистички околности. Договорот меѓу страните се спроведува, но најновите судири меѓу Израел и Хезболах би можеле да го доведат во прашање. Ние сме единствените пријатели што ви останаа-му порача Вашингтон на Тел Авив. Трамп очекува целосен прекин на огнот на сите фронтови, вклучително и Либан. Иран предупреди на енергичен одговор во случај да бидат прекршени условите од договорот со САД...

Преговорите меѓу САД и Иран закажани за во Швајцарија се одложени поради логистички причини-соопшти Белата куќа, но порачува дека остануваат подготвени за продолжување на процесот штом се создадат услови. Во меѓувреме, Ормускиот Теснец е повторно отворен, а американската блокада укината. Тече 60-дневниот период за постигнување траен мировен и нуклеарен договор.

„Мировниот план на претседателот веќе дава вистински плодови. 12,5 милиони барели нафта поминаа низ Ормускиот теснец. Цените на бензинот паднаа, а бродовите повторно се движат. Тоа е победа за американскиот народ и за претседателот на САД“, изјави Џеј Д. Венс, потпретседател на САД.

Врховниот лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, оцени дека договорот е постигнат „од очај“, но потврди дека го одобрил, и покрај „различниот став“. Порача дека Иран ќе продолжи со разговорите само доколку се почитуваат неговите позиции и интереси.

„Од овој момент, па натаму преговорите лице в лице што ќе се водат во иднина нема да значат прифаќање на мислењето на непријателот“, соопшти Моџтаба Хамнеи, врховен лидер на Иран.

Иранската Револуционерна гарда порача дека стои зад раководството во Техеран и дека секое прекршување на договорот од американска страна ќе има последици.

„Задачата што ни ја довери Врховниот водач е да се стремиме кон реализација на условите и клаузулите од договорот. Во случај на лоша намера, прекршување и прекумерни барања од спротивната страна, немаме двоумење да му одговориме на непријателот“, објави Мохамед Багер Галибаф, претседател на иранскиот парламент.

И покрај договорот, Израел не отстапува од Либан, повикувајќи се на заканата од Хезболах. Нападите и судирите на југот од земјата продолжуваат.

„Борбата сè уште не е завршена, мора да останеме цврсти во одбраната на нашите безбедносни интереси“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Продолжувањето на судирите во Либан би можело да го доведе во прашање спроведувањето на договорот. Трамп очекува целосен прекин на огнот на сите фронтови, вклучително и во Либан.

„САД се посветени на мирот и ги охрабруваме сите во регионот да ја одржат својата посветеност, за да овозможиме преговорите да се одвиваат успешно. Очекуваме целосен прекин на огнот на сите фронтови, вклучително Либан, Хезболах и Израел“, објави Доналд Трамп, претседател на САД

Европа останува претпазлива. Франција бара улога во следната фаза од разговорите за иранската нуклеарна програма и предупредува дека нема да поддржи укинување на санкциите на ООН доколку не биде задоволна од условите на конечниот договор.

„Секогаш е подобро да се има договор отколку војна, но не верувам дека можеме да кажеме дека е целосно завршена. Никој – а пред сè Франција – не сака Иран да се здобие со нуклеарна бомба“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.

„Имаме јасни услови. Ако условите дозволат и има нуклеарен договор, земјите-членки ќе разговараат за санкциите, но сè уште не сме стигнале дотаму“, изјави Каја Калас, шефица за надворешна политика на ЕУ.

И светските пазари внимателно ги следат случувањата, по првичниот пад на цената на нафтата, новите тензии во Либан повторно ја зголемија неизвесноста околу стабилноста на регионот.

 

Бојана Крстевски