Обвинителство

Со фиктивни фактури од ФФМ биле извлечени речиси три милиони евра

19.06.2026 17:00

Услугите и стоките за кои биле издавани фактури никогаш не биле испорачани, тврди Обвинителството во истрагата против поранешни функционери на ФФМ и сопственици на компании. Осомничените се товарат за проневера и перење пари, а штетата се проценува на околу три милиони евра.

Услугите за кои биле издадени фактури никогаш не стигнале до ФФМ. Ова го тврди обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција во истрагата што ја тресе фудбалската федерација. Поголемиот дел од осомничените беа спроведени на распит кај судија на претходна постапка, за оние пак, кои се недостапни, обвинителот Фатон Азизи вели дека се во блиското опкружување и очекува да се вратат во земјава.

Обвинителството наведува дека двајцата поранешни претседатели на федерацијата, Илчо Ѓорѓиоски и Муамед Сејдини, заедно со раководителката за финансии присвоиле 180 милиони денари преку сомнителни исплати и фиктивни фактури. Потпишале 728 исплати без соодветна документација и тоа на штета на ФФМ.

Со истрагата се опфатени вкупно 18 лица и 8 фирми, меѓу нив има и управители и сопственици на фирми кои ги издавале лажните фактури за услуги и стоки кои никогаш не биле испорачани или извршени. Се товарат за проневера во службата и перење пари.

Дејствијата се одвивале од 2015 до 2019 година, а нанесена е штета од околу 3 милиони евра.

Ана Јосифоска