Филхармонија на отворено

„Кармина Бурана“ под ѕвездите со над 200 уметници во живо на МРТ

20.06.2026 11:37

Спектаклот под отворено небо ќе започне во 21 часот, а пред публиката ќе настапат Македонската и Софиската филхармонија и Државниот симфониски оркестар од Солун.

Градскиот парк во Скопје вечерва ќе се претвори во огромна концертна сцена на која над 200 уметници од Македонија, Бугарија и Грција заеднички ќе ја изведат монументалната кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф.

Спектаклот под отворено небо ќе започне во 21 часот, а пред публиката ќе настапат Македонската и Софиската филхармонија и Државниот симфониски оркестар од Солун. На големата сцена ќе им се придружат хорот на Националната опера и балет, детскиот хор „Пиколо“ и хорот на музичкото училиште од Солун, создавајќи едно од најмасовните музички доживувања организирани во Скопје ова лето.

Со музичкиот спектакл ќе диригира бугарскиот маестро Најден Тодоров, кој е и иницијатор на регионалниот проект. Како солисти ќе настапат светски признатата македонска сопранистка Ана Дурловски, грчкиот тенор Николас Спанос и бугарскиот баритон Иво Јорданов.

Настанот ќе може да го следите и во живо на МРТ1 со почеток од 21 часот.