БЛИСКИ ИСТОК

САД и Иран на нова рунда преговори во Швајцарија по примирјето во Либан

20.06.2026 12:06

Американски и ирански претставници повторно седнуваат на преговарачка маса во Швајцарија, откако примирјето меѓу Израел и Хезболах отвори простор за продолжување на дипломатските напори. Вашингтон и Техеран се надеваат на напредок кон конечен мировен договор што би донел стабилност на Блискиот Исток.

Претставници од Вашингтон и Техеран на нова рунда разговори во Швајцарија по примирјето меѓу Израел и Хезболах во Либан. Средбата се смета за важен чекор кон стабилизирање на пошироката безбедносна ситуација на Блискиот Исток. Ескалацијата на судирите во Либан претходно ги доведе во прашање американско-иранските преговори, кои се сметаат за клучни за слободната пловидба низ Ормускиот Теснец и стабилизирање на снабдувањето со нафта. Претседателот Трамп вели дека преговорите ќе успеат.

„Имаме најголема војска насекаде во светот. И го видовте тоа во Иран, каде што за една недела, практично, ја уништивме целата нивна морнарица, воздухопловство, нивното противракетно оружје. За 60 дена, мора да склучиме договор, во спротивно ќе правиме работи што нема да ги направат среќни. Но, не мислам дека ќе стигне до тоа. Мислам дека ќе биде многу добро“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.

Израел и Хезболах се договорија за продолжување на примирјето, но војската потврди дека нејзините сили ќе продолжат да ги отстрануваат непосредните закани.

„Сè што е поврзано со договорите што спаѓаат под политичкиот ешалон е прашање на политичкиот ешалон. Ќе продолжиме да дејствуваме според нашите упатства. Додека не добиеме различни упатства, ќе дејствуваме според директивите што началникот на Генералштабот им ги даде на силите на терен“, рече бриг. генерал Ефи Дефрин, портпарол на израелската војска.

Од ООН изразија надеж дека САД и Иран ќе продолжат да преговараат за крај на војната и покрај тоа што конфликтот во Либан ги одложи мировните напори.

„Мислам дека на народот на Либан му е потребен мир, им треба време за обнова. Владата на Либан треба да ја врати својата власт над целата своја територија, а и луѓето од северен Израел треба да можат да си одат дома безбедно. Се надеваме дека сите страни во овој конфликт ќе разберат дека најважното нешто во моментов е да се заврши овој конфликт“, изјави Стефан Дујарик, портпарол на ООН.

Иран и САД потпишаа рамковен договор во средата кој предвидува сеопфатен крај на воените конфликти во регионот. Првичната рунда разговори беше планирана за во петок, чија цел беше унапредување на рамковниот договор, но состанокот беше откажан во последен момент. Во 60-те дена по договорот, преговарачите треба да работат на конечен договор што ќе донесе траен крај на војната во регионот, која почна со нападите на САД и Израел врз Иран на крајот на февруари.

Маријана Димовска