Прв случај на зика вирус потврден во Македонија
Институтот за јавно здравје го регистрираше првиот случај на зика вирус во земјава. Заболеното лице престојувало на Малдиви, каде што било каснато од комарец, а по враќањето развило симптоми и било потврдено присуство на вирусот.

Прв случај на зика вирусот е регистриран во Македонија, информира Институтот за јавно здравје. Според добиените епидемиолошките податоци, заболеното лице во периодот од 20-28.05.2026 година престојувало на Малдиви. За време на одморот пациентот информирал дека бил каснат од комарец. Веднаш по враќањето се јавил на преглед.
Првите знаци на болеста се јавиле на 24-ти мај со треска, болки по телото-мускулите и зглобовите, лесно покачена температура, а по четири дена да се појави и ситен, густ осип. Пациентот бил прегледан во Клиниката за инфективни болести, а направени се и лабораториски испитувања.
„На 17.06.2026 година, од страна на Одделението за вирусологија, Одделот за епидемиологија на заразни заболувања при ИЈЗ доби информација за конфирматорен позитивен наод на зика- вирусна инфекција. Пациентот е контактиран од страна на надлежен епидемиолог при што се предложени соодветни превентивни мерки. Пациентот не е хоспитализиран, пратен е на домашно лекување и во моментот е во добра општа состојба. Инкубацијата на болеста вообичаено трае 3-14 дена. Клиничката слика главно е лесна и се карактеризира со симптоми кои вообичаено траат 2-7 дена, иако најголем процент од инфицираните лица (околу 80%) не развиваат симптоми“, соопштуваат од Институтот за јавно здравје.
Болеста е предизвикана од вирус кој се пренесува преку убоди од инфицирани комарци и може да има сериозни последици, особено за бремените жени.
Болеста најчесто се пренесува преку убод од инфицирани азиски тигрести комарци, но можно е пренесување и по сексуален пат, вертикално од мајка на плодот за време на бременоста, како и преку трансфузија на крв.
Вирусот првпат беше идентификуван во Уганда во 1947 година кај мајмун, по што инфекции биле докажани и во други африкански земји.
Игор Панов
