Германски „Маркарт“ скенира потенцијални кадри
Германски „Маркарт“ организира „Ден на вработување“. На овој начин, компанијата ќе ги одбере потребните кандидати, кои со работа и обуки почнуваат на први ноември. Стартот на производството е закажан кон средината на 2015-та. Првично ќе се отворат над 600 работни места.
Менаџерите на германски „Маркарт“ ги објавија бизнис – плановите. На средината од идната година почнуваат со работа во зоната во Велес. Дотогаш ќе ги ангажираат и потребните работници. Првично ќе бидат вработени 600 луѓе, бројка што ќе се зголемува во согласност со производствениот процес.
„Првично, во нашата фабрика во Романија планиравме да работат 200 луѓе, а сега имаме 2000 вработени. Мислам дека и во Македонија можеме да го повториме овој успех. Планираме да вработиме луѓе во производствениот дел, но и луѓе кои ќе работат во секторите логистика, администрација, контрола на квалитет“, изјави Хералд Маркарт, директор на групацијата Маркарт.
Менаџерите најавуваат дека редовно ќе им даваат плата на работниците, која ќе биде во согласност со македонските стандарди. Претходно, сите вработени ќе мораат да минат обуки во фабриките на групацијата, во Германија и во Романија.
„Ќе имаме добра соработка со стручните училишта во Македонија, со цел да ги обучиме кадрите во согласност со нашите потреби. Ќе ги искористиме и постојните искусни работници од Велес и регионот, ќе им дадеме можност да се вработат“ , изјави Волфганг Аихер, директор на Маркарт Македонија.
Менаџерите на Маркарт сметаат дека во земјава постои високо квалификувана работна сила. На 4 октомври организираат „Ден на вработување“, каде што ќе ги скенираат потребните кандидати. Регрутираните почнуваат со работа на 1 ноември.
„Тоа е одличен начин за фирмите да се запознаат со пазарот на труд и да ги запознаат потенцијалните кандидати со производствениот процес. Тоа е добра можност и за оние кои бараат работа, да видат како ќе се одвива производството и какви знаења се бараат“ , изјави Веле Самак, министер за привлекување странски инвестиции.
Од зоната во Караслари, ќе се произведуваат електронски компоненти за светските автомобилски гиганти: Мерцедес, БМВ, Фолксваген, Ауди. Инвестицијата во наредните пет до десет години ќе изнесува меѓу 35 и 50 милиони евра.
„Ова е прва голема инвестиција во Велес по цели 24 години во градот кој беше индустриски гигант во поранешна Југославија“ , изјави Славчо Чадиев, градоначалник на Велес.
Фабриката на Маркарт во Велес ќе биде 13-та во рамките на нивната групација, која во моментов брои 7000 вработени.
Мартин Пушевски
