Безбедност на капалиштата

Нема спасители, ниту обележани зони за капење на повеќето плажи долж Охридското Езеро

20.06.2026 15:33

Топлото време ги полни плажите долж Охридското Езеро, но повеќето капалишта и ова лето не ги исполнуваат основните безбедносни стандарди. Туристите бараат поголема сигурност.

Високите температури ги полнат плажите долж Охридското Езеро. Но, зад летната слика со капачи и туристи, останува сериозен проблем – поголемиот дел од капалиштата не ги исполнуваат основните безбедносни стандарди. Нема спасители, ниту обележани зони за капење.

Туристите забележуваат безбедноста е сериозен пропуст.

„Секако дека треба и за помладите, а има и непливачи. Меѓутоа не гледам дека има такво нешто. Нема за жал, па еве порака до надлежните да се погрижат во интерес на безбедноста на капачите.“

„Да треба да има. Јас сум од Србија жал ми е за момчето кое се удави, а немало кој да го спаси. Жал ми е за секој живот.“

„Тоа спасува животи треба да се подобрат безбедносните стандарди. Ние имаме спасители на плажа особено на посетените плажи.“

„Кај нас во Холандија, децата учат да пливаат во школо, така што сите можат да пливаат и тоа спасува многу животи“-велат туристите кои ги анкетиравме.

Особено загрижува состојбата на струшкото крајбрежје, каде со децении владее безредие. Плажите работат на диво, без никаква контрола.

„Значи, мора да се воспостави ред. Побарав уште пред еден месец да се донесе ваква одлука. И денес повторно апелирам до Советот да ја усвои одлуката и да го поддржи проектот за урбана опрема, со цел воспоставување ред и контрола на плажите. Веќе имаме изработен проект кој предвидува поделба на јавни и приватни плажи“, вели Менди Ќура, градоначалник на Општина Струга.

Првата жртва давеник во струшко беше регистрирана минатата недела. Дваесетгодишно момче трагично го загуби животот по скок од педалинка.

Ова е само една од многуте плажи на брегот на Охридското Езеро каде не се исполнуваат безбедносните мерки, нема набљудувачница, одбележано капалиште ниту спасител.

Соња Рилковска