Култура

Со хит мјузиклот „Као Какао“ свечено отворено Битолското културно лето

20.06.2026 17:45

Синоќа во Центарот за култура, со хит мјузиклот „Као Какао“ свечено беше отворено 18-тото издание на Битолското културно лето. Во следните нешто повеќе од два месеци, битолчани и останатите посетители ќе можат да уживаат во околу 70 настани. „Бит-фест“ оваа година за прв пат е во организација на Културно-информативниот центар.

Фестивалската магија на 18-тото издание на „Бит-фест“, започна со хит мјузиклот „Као Какао“, љубовна приказна напишана од Венко Андоновски, инспирирана од музиката на Влатко Стафановски, во режија на Дејан Пројковски, кој пред битолската публика донесе комбинација од музика, актерска игра и сценска енергија. Битолчани со нетрпение ги очекуваат и преостанатите настани.

„Бит-фест“ со години е дел од културниот идентитет на градот. Битола и ова лето ќе биде голема културна сцена со бројни концерти, театарски претстави и уметнички настани за сите. Покрај останатите, тука се и традиционалните-Илинденски денови, Битола отворен град, Локум фест, Битолино, Незаборав.

Оваа годинава акцент е ставен на квалитет-велат организаторите. Од 140 апликации, одбрани се 70. Најголемиот дел од нив битолски млади и афирмирани изведувачи. Настаните ќе се одржуваат на повеќе локации и најголемиот дел од нив се бесплатни.

Со јубилеен концерт по повод 30 години постоење на групата Фолтин, на 29-ти август во Хераклеа, ќе биде затворено овогодишното издание на „Бит-фест“.

Александра Максимовска