Реконструкција на владата

Во тек разговорите за реконструкција, Мицкоски засега без детали за смените

20.06.2026 17:02

Премиерот не открива кои министри ќе бидат заменети во најавената реконструкција, но вели дека се разгледуваат повеќе кадровски и ресорски решенија. Конечниот предлог треба да биде финализиран до крајот на месецот.

Новиот владин кабинет ќе биде изготвен и доставен пред пратениците до 1-ви јули, најави премиерот. Разговорите со ВРЕДИ поминале во пријатна атмосфера, вели Мицкоски. Не открива детали кој министер ќе биде сменет. Слични разговори и со ЗНАМ за министрите што се од овој коалиционен партнер.

„Во интерес на процесот не би зборувал премногу околу конкретни кадровски решенија, имиња и слично. Се разгледуваат секакви опции. Во добра, пријатна атмосфера беше вчера состанокот. Се разгледуваат опции за промена на ресори, така што мислам дека многу бргу ќе го затвориме овој прв дел од процесот во условно кажано првиот ешалон. Денеска ќе видиме со ЗНАМ. Ќе разговараме отворено за сите добри страни, но и слабости, се разбира. Така што до крајот на следната недела, како што кажавме и до крајот на јуни да сето ова го формализираме и најдоцна до први јули списокот да се најде во Парламент пред парламентарците“, изјави премиерот Мицкоски.

Од ВРЕДИ велат дека реконструкцијата се прави за забрзување на реформите, а не за смена на поединци.

„Концептот што го презентиравме е дека реконструкцијата не треба да се сведува на промена на поединци, туку треба да служи како инструмент за забрзување на реформите и давање нова динамика и поттик на процесите што се во интерес на граѓаните“, велат од ВРЕДИ.

Премиерот не открива и дали актуелниот министер за здравство Алиу ќе ја преземе позицијата на вицепремиерот Фетаи, кој замина од владата. Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани кој не е повеќе член на владејачката ВРЕДИ, не разговарал за негово евентуално сменување со премиерот Мицкоски.

„Иако денес завршува мојот мандат, јас мислам дека повеќе треба да се насочиме на тоа што направивме ние за доброто на оваа држава и народот, без разлика на тоа која е цената што треба ние да ја платиме. Не сме во овие позиции да бидеме товар ни на премиерот, ни на мандатарот, ни на никого. Сме овде да играме улога на играчи кои ќе ја сработат работата во полза на народот“, нагласи Лимани.

Мицкоски најави дека по реконструкцијата на владиниот кабинет ќе се разгледува и работата на директорите на јавните претпријатија, за кои премиерот смета дека половина добро си ја вршат работата, а има и такви кои не ги исполниле очекувањата.

Ирина Гелевска