Завршија разговорите со коалициските партнери, реконструкцијата на Владата пред пратениците до 1 јули
Коалициските консултации меѓу ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ се завршени, а списокот со кадровски освежувања во Владата ќе биде доставен до пратениците најдоцна до 1 јули. Мицкоски порача дека нема да има толеранција за неодговорност кај функционерите, додека СДСМ ја нарече најавената реконструкција „мачкање очи“ за јавноста.

До 1 јули списокот со нови кадровски освежувања на владиниот кабинет ќе се најде пред народните избраници, најави премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Коалициските разговори зад затворени врати со ВРЕДИ и ЗНАМ завршија. Не се откриваат детали за ротации и промени во ресорите, ниту имиња кои ќе бидат опфатени со реконструкцијата.
Премиерот дециден дека нема да се толерира неодговорноста и неисполнетите обврски на функционерите. Ќе има и втора фаза промени на локално ниво, по што ќе се пребројува членството, посочи Мицкоски.
Според СДСМ, најавената владина реконструкција е козметичка операција и обид за мачкање очи на јавноста. Наместо да се соочат со вистинските проблеми кои ги мачат граѓаните, економскиот колапс, падот на инвестициите за 60 отсто, буџетскиот дефицит кој е скоро целосно потрошен, и масовното заминување на младите – власта продолжува да си игра со министерски фотелји, велат од опозициската партија.
Во дописот посочуваат ВМРО и ЗНАМ можат да си менуваат министри колку сакаат, проблемот не е само во луѓето на фотелјите – проблемот е и во политиката која ја водат, велат од СДСМ.
