Земјоделство

Пред жетва останаа без принос, невреме уништи стотици хектари посеви во Пелагонија

21.06.2026 12:17

И додека останатите земјоделци ги прават последните подготовки за претстојната жетва, за земјоделците од неколку села од пелагониско, жетвата заврши уште пред да започне. Невремето со град кое ги зафати оваа недела, го уништи трудот и приходите кои ги очекуваа. Најпогодени се селата Дедебалци, Трап, Алинци и Путурус.

Поројните дождови и градот којшто зафати дел од пелагониските села пред време го ожнеа овогодишниот принос. Семејството Ѓоргиевски од село Дедебалци, кое цел живот се занимава со земјоделие и тоа му единствен извор за егзистенција, на чекор до жетва изгубија сè во кое вложувале цела година. Невреме со град какво што не се памети, им уништи околу 100 хектари посеани површини.

Покрај Дедебалци невремето ги зафати и селата Трап, Алинци, Путурус. Очекуваните приходи од житните култури се претврија во уништени посеви. Штети има и кај тутунот. Оштетените земјоделци велат дека невремето дошло во најлош момент-после сите направени вложување, токму кога приносот треба да се собере. Штетите се огромни, откупните цени ниски.

Советот на Општина Могила донесе одлука за пријавување на настаната штета предизвикана од природна непогода – град. Оштетените земјоделци можат да поднесат барање до 26 јуни.

За земјоделците од овие села борбата продолжува-не за жетва, туку за спас на она малку што остана на нивите. Жетвата на јачменот во пелагониско треба да започне оваа недела, додека за пченицата првата половина од јули.

Александра Максимовска