Стручните училишта се најчестиот избор на основците
Расте интересот кај завршените основци за упис во средните стручни училишта во Штип. Машинските, електротехничките и здравствените струки се меѓу најбараните образовни профили годинава.

Средните стручни училишта во Штип и годинава привлекуваат најголем број завршени основци. Две насоки во Средното медицинско училиште „Јане Сандански“ за физиотерапевти и техничари за козметичка нега се пополнети, останати се педесетина места за медицински сестри и забни и фармацевтски техничари.
Голем интерес за упис има и во Средното електромашинско училиште „Коле Нехтенин“ и тоа за сите насоки во електротехничкиот, машинскиот и угостителскиот сектор.
Сто и две пријави за упис има во Гимназијата „Славчо Стојменски“, цифра скоро идентична со бројот на матуранти од ова училиште годинава. Во Средното музичко училиште „Сергеј Михајлов“ се пријавиле 31 ученик. Слободни места има и во средното текстилно училиште „Димитар Мирасчиев“ за насоките техничар за изработка и техничар за дизајн и облека. Училиштата очекуваат бројот на ученици да се зголеми во второто пријавување во вторник. Годинава во Штип генерацијата која заврши основно образование брои помалку од петстотини деца.
Славица Величковска
